Skip to main content
Македонија

Левица: 250 милиони евра за развој на општините или товар за идните генерации?

30/10/2024  16:27

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:

Владата предводена од двоецот ДПМНЕ-ЗНАМ во септември месец ја задолжи државата со 500 милиони евра кредит кај Унгарската експорт импорт банка со што јавниот долг се искачи на историски највисоко ниво. Предлог – законот за задолжување влезе во собраниска процедура во еден нетранспарентен процес по скратена постапка и без дебата со експертската и пошироката јавност.

Задолжувањето носи ризик за фискалната стабилност, особено, ако општините не можат да ги искористат средствата ефикасно и со мерливи резултати. Овие кредити можат да доведат до дополнителни обврски за идните буџети на државата и да ги ограничат можностите за инвестирање во други приоритетни области како што се здравство, образование, социјални услуги итн.

Доколку не се воспостават механизми за одговорност, надзор, мониторинг врз начинот на кој општините ги користат средствата, постои ризик средствата да бидат злоупотребени или вложени во неефикасни, нерентабилни и неисплатливи проекти.

Примери од минатото покажуваат дека недоволно транспарентни проекти често доведуваат до непродуктивни вложувања и корупција. Ова дополнително наговестува нов бран на делење на тендери на фирми блиски до владејачката елита. Затоа, неопходно е да се има јасна стратегија за следење и ревизија на проектите финансирани со овие средства.
Недостигот од квалитативни критериуми за доделување на овие средства, немањето на приоритети врз основа на развојните потреби на општините, нееднаквоста меѓу урбаните и руралните општини создава економски дисбаланс кој води кон економско запоставување на одредени региони. Наместо да се промовира рамномерен регионален развој, средствата се концентрираат во понаселени области што создава долгорочна нееднаквост.
Владата ја користи финансиската зависност на општините за, од една страна, да врши политички притисок врз нив, а, од друга страна преку задолжување кое ќе го враќаат идните генерации, да претстави реализација на проекти, особено, во периодот пред локалните избори. Доделувањето на средства е селективно и насочено кон политички блиски општини, додека дел од општините кои не се наклонети кон владејачката партија, остануваат запоставени.