Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја не бара од западните сојузници нуклеарно оружје за да се бори против руската инвазија.
„Ние не бараме да ни се даде нуклеарно оружје“им рекол тој на новинарите во понеделникот.
Во говорот во Брисел минатата недела, Зеленски рече дека Украина треба да има нуклеарно оружје доколку не може да биде дел од НАТО.
„Или Украина да има нуклеарно оружје, што ќе служи како нејзина заштита, или да биде дел од некој вид на сојуз“рече Зеленски во четвртокот, додавајќи дека не знае за „поефективен сојуз од НАТО“.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој и самиот постојано зборуваше за нуклеарната закана од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, изјавата на Зеленски ја нарече опасна провокација. Тој во петокот рече дека Москва нема да дозволи Украина да се здобие со нуклеарно оружје и дека секој обид на Украина во таа насока не може да се сокрие и ќе предизвика соодветен руски одговор.
„Можам веднаш да кажам дека Русија во никој случај нема да дозволи тоа да се случи“рече Путин.
По распадот на Советскиот Сојуз, Украина се согласи да ѝ го предаде на Русија советското нуклеарно оружје што се наоѓа на нејзина територија, во согласност со договорот склучен во 1994 година, познат како Будимпештански меморандум.
Во понеделникот Зеленски оцени дека неговата земја го предала своето нуклеарно оружје без да добие ништо за возврат.
„Требаше да го замениме (нуклеарното оружје) за (членство во) НАТО. Токму затоа што Украина нема оружје што може да го запре Путин, ѝ треба НАТО“,додаде претседателот на Украина.
Тој потсети дека му предложил на Западот, како дел од неговиот „план за победа“, распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање на украинска територија.