Skip to main content
Македонија

Давкова – Прескер: Македонските евроинтеграции да се базираат на критериумите кои важат за другите кандидати

07/11/2024  13:24

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.

На средбата беа разменети мислења во однос на пристапниот процес на земјава за членство во Европската Унија, при што претседателката порача дека македонските евроинтеграции е неопходно да се базираат на критериумите кои важат за другите кандидати.

Во таа насока, претседателката го реафирмираше ставот дека евроинтеграцискиот процес на земјава треба да се одвива согласно принципот на заслуги и со доследно спроведување на копенхагенските критериуми.

На средбата соговорниците изразија подготвеност за натамошно интензивирање на билатералната соработката и заедничко регионално дејствување со цел економски просперитет и справување со глобалните предизвици.

Во таа насока беше констатирано дека Словенија е еден од најзначајните трговски партнери и инвеститори во земјава, но дека потенцијалите за економската соработка не се до крај искористени, со што нејзиното интензивирање треба да биде еден од главните приоритети на двете земји во иднина.

Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста за натамошна соработка и во рамки на меѓународните организации и промовирање на заедничките вредности на демократијата, мирот и одржливиот развој на глобалната сцена.