Skip to main content
Македонија

Бизнисменот Ристо Крмзов се брани: Жртва сум на локални моќници

28/10/2024  17:14

Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, чии компании се под предистрага за даночно затајување и перење пари, јавно проговори за својата ситуација, тврдејќи дека е жртва на „локални моќници“ кои, според него, сакаат да го уништат. Во неговото интервју за емисијата „Код“, Крмзов посочи дека одредени влијателни лица од локалните структури на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ стојат зад обидите да му се нанесе штета.

Контроли од УЈП и одложувања на исплати

Крмзов тврдеше дека проблемите започнале во декември 2023 година, кога Управата за јавни приходи (УЈП) отвори контроли во неговите компании. Тој обвини дека контролите биле постојано одложувани, што државата го користела како изговор да не ги исплати средствата што ги должела на неговите фирми.

„Контролите се одложуваа и инспекторите не доаѓаа намерно или ненамерно, а целта беше да се задржат нашите пари,“ изјави Крмзов, додавајќи дека сметките на неговите компании биле блокирани и со тоа оневозможено да исплаќа плати на околу 500 вработени и подизведувачи.

Обвинувања за „локални шерифи“

Крмзов откри дека, според него, во целата акција против неговиот бизнис има индиции за вмешаност на „локални шерифи“ од владејачките партии, кои, како што вели, сакаат да го отстранат од пазарот. „Ми пречат во транспортот, градежништвото и сè друго. Ова е обид да се уништи мојот бизнис,“ изјави тој, потенцирајќи дека неговиот успех им создава пречки на одредени локални моќници.

Бизнис-релации и обвинувања за блискост со Заев

Во врска со шпекулациите за неговата блискост со поранешниот премиер Зоран Заев и неговото семејство, Крмзов призна дека е пријател со Заев и деловно соработувал со неговиот брат, Вице Заев, но негираше каква било вмешаност во незаконски активности.

„Соработката со ‘Еуростандард банка’ почна пред да дојде Заев на власт, а со Вице имам само регуларни деловни зделки,“ посочи Крмзов, нагласувајќи дека сите зделки се законски и документирани.

Апел за завршување на контроли и за деблокирање на сметките

Крмзов заврши со повик до УЈП да ги заврши започнатите контроли без притисоци од повисоки структури и да ги деблокираат сметките на неговите компании за да може да се исплатат платите на вработените. „Ако сум виновен, ќе се соочам со последиците. Но, ако не сум, тогаш ова е сериозен удар врз легитимниот бизнис и економијата,“ заврши тој.