Skip to main content
Свет

Бајден: Трамп треба да го затвориме, ама политички

23/10/2024  22:39

Доналд Трамп е закана за демократијата и треба да биде „затворен“, но во политичка смисла, изјави претседателот на САД, Џо Бајден, на митинг на Демократската партија во државата Њу Хемпшир, каде што ги повика гласачите на претстојните претседателски избори на 5 ноември да ја поддржат Камала Харис.

– Треба да го затвориме. Политички да го заклучиме, да го блокираме, рече Бајден за Трамп. Според него, републиканскиот кандидат е закана за демократијата, бидејќи постои ризик да ја наруши американската уставност ако победи на изборите против Харис.

Во 2016 година, кога Трамп првпат се кандидираше за претседател на САД, на неговите митинзи поддржувачите често скандираа „затворете ја“ (во затвор) за тогашната кандидатка од демократите, Хилари Клинтон. Оваа година на митинзите на Камала Харис имало исти скандирања, но насочени кон Доналд Трамп, во контекст на бројните обвиненија што се поднесени против него. Тој е обвинет за незаконски плаќања кон порно ѕвезда и за нелегални активности поврзани со неговите обиди да ги оспори резултатите од претседателските избори во 2020 година, на кои изгуби.

Камала Харис не ги охрабрува своите поддржувачи да скандираат против Трамп, наведувајќи само дека Министерството за правда на САД ќе се справи со тие прашања.

Предизборниот штаб на Трамп побара од Харис да ги осуди коментарите на Бајден. „Џо Бајден штотуку ја призна вистината: тој и Камала Харис планираат политички да го гонат својот противник – претседателот Трамп, бидејќи не можат да го победат на чесен и праведен начин, изјави Каролајн Левит, национална портпаролка на предизборниот штаб на Трамп.