Skip to main content
Економија

Ангеловска-Бежоска ‒ Ли: Народната банка спроведе успешни политики за справување со инфлацијата

28/10/2024  10:34

Народната банка успешно се справи со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, додека силната регулативна рамка и кредибилноста на централната банка придонесоа за задржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со македонската делегација во чиј состав се гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска.

„Со помош на обемниот сет на мерки што ги презема централната банка преку интервенции на девизниот пазар, каматните стапки и задолжителната резерва, како и со макропрудентните мерки, успеавме да се справиме со инфлацијата и да ја зајакнеме стабилноста на банкарскиот систем. Од една страна, се спречи прекумерното задолжување на граѓаните и компаниите, а од друга се зајакна довербата во домашната валута. Овие мерки придонесоа и за зацврстување на билансите на банките, што е основа за задржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени”, истакна Ангеловска-Бежоска.