December 17, 2018 20:40
Македонија

Јанкуловска, Мијалков и Груевски денеска на суд

Јанкуловска, Мијалков и Груевски денеска на суд

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на СЈО, „Таргет-Тврдина“ и „Насилство во општина Центар“.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. 

Во Судот денеска треба да се одржи рочиште за издвоена постапка за предметот „Насилство во општина Центар“.

На претходните рочишта, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.  Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. 

Related posts

Временска прогноза за наредните денови

24info

Полицијата и Брзата помош викендов во Скопје со полни раце работа

24info

Димитров на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ

24news