Search

Генерално чистење на Скопје кое ќе трае 21 ден

Есенското шаренило е насекаде присутно во главниот град, дури и онаму каде што не му е местото

Голем број граѓани на социјалните мрежи објавуваат фотографии и реагираат дека улиците не се исчистени од паднатите лисја. Со дождот што врнеше во изминативе денови пешачките и коловозните површини станаа лизгави поради лисјата што скапуваа на нив.
Градоначалникот Петре Шилегов неколку пати најави дека ќе се спроведе генерална акција за чистење на градот, како една од мерките во борбата против загадувањето на воздухот. Во меѓувреме, некои локации во Скопје со денови не се исчистени, како на пример остатоците од сообраќајната несреќа во близина на Универзалната сала, кога автомобил излета од булеварот „Партизански одреди“ и удри во билборд.
Сепак, денеска стигнаа и конкретни најави за спроведување на големата акција за чистење. Советот на градот Скопје утре треба да усвои неколку одлуки со кои ќе овозможи да се организира 21-дневна генералка во главниот град.
Прво треба да се донесе одлука со која осум милиони денари (130 илјади евра) од градскиот буџет ќе се пренаменат од ставката за трошоци на градската администрација во ставката за јавна чистота.
Потоа треба да се усвојат измени во годишната програма на јавното претпријаите „Комунална хигиена“ со кои ќе се предвиди одржувањето на акцијата што ќе трае 21 ден и за која дополнително ќе се ангажираат 1.000 работници. Секој од нив ќе добие еднократен надомест од 6.139 денари.
Во документите за седницата на советот не е наведено кога точно ќе се спроведе акцијата.

Треба да знаете
Последни објави