Search

Кривична пријава за Миленко Неделковски за ширење говор на омраза

Кривична пријава за Миленко Неделковски за ширење говор на омраза

Новинарот Миленко Неделковски кривично ќе се гони за ширење расистички и ксенофобичен материјал, во врска со неговиот коментар на социјалната мрежа Фејсбук каде се ситеше на пожарите во Атика, Грција. Против Неделковски е поднесен обвинителен предлог и му се заканува казна затвор од една до пет години.

Фејсбук статусот поради кој е му е поднесено обвинението, предизвика осуда во јавноста поради неговата нечовечност и немање емпатија за жртвите во Атика.

Од Обвинителството велат дека Неделковски не дал исказ пред надлежен јавен обвинител, затоа што не бил достапен на неговата адреса за да му биде врачена покана.

„Лицето се товари дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Имено, осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години.

Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител преку Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа како и други докази.

Дополнително, во конкретниот случај, обвинителството имаше увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но притоа оцени дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против осомниченото лице, бидејќи тој врз основа на својот општествен статус и професијата која ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста.

Обвинителството, како орган кој ги гони сторителите на кривични дела, по својата поставеност, ги цени законските можности за постапување, фактите и доказите во секој конкретен предмет, како и општествената оправданост за јавнообвинителско постапување, особено водејќи сметка да не ја наруши слободата на изразување“, информираа од Обвинителството.

Треба да знаете
Последни објави