Skip to main content
Магазин

Утрово почина Зоки Фаци, трагичната вест ја соопшти Лазаров

01/11/2024  07:47

За жал ова утро во 6:40 почина Зоран Василевски. По долга борба со ракот тој не успеа. Македонија изгуби новинар, другар, човек кој знаеше да помага на сите, објави неговиот пријател Стефан Лазаров.

„Сочувство до фамилијата и блиските. Погребот ќе биде утре, а каде и кога ќе ве известам.

Те сакам пријателе, секогаш ќе се сеќавам на тебе и на твојата насмевка. Многу ќе ми фалиш“, објави тој.

Зоки со најстрашната болест се бореше уште од 2022 година кога му беше дијагностицирана и направена операција, но за жал таа се врати по една година во многу поагресивна форма.

И покрај тоа што се собираа пари за негова операција во Турција и отстранување на туморот во главата, Зоки не беше опериран бидејќи од таму доби лоши вести дека канцерот е проширен на коските, па во таков сличај не може да биде опериран.

До последен момент го држеше вербата и надежта дека ќе успее да ја победи оваа болест на денешницата, но за жал ја изгуби битката.

Инаку Зоран Василевски беше дел од новинарските тимови на едни од најзначајните медиуми кои се појавува и гаснеа во Македонија. Од печатеното издание на мегатиражниот дневен весник „Вест“ во чија забавна редакција работеше, преку А1 ТВ и првото дневно естрадношоу во вид на куси вести „Ексклузив“, потоа нивниот естраден магазин „Крема“, сопственото ТВ шоу „Фаци“ по кое го доби и прекарот, па се’ до 1 ТВ на Боки 13-ка и порталот „Либертас“ за кој пишуваше, како и заедничката соработка со Лазаров во неговиот поткаст.