Skip to main content
Свет

Претседателот Вучиќ и премиерите Орбан и Фицо разговараат во Комарно за илегалната миграција

22/10/2024  12:13

Во местото Комарно, на словачко-унгарската граница, денеска почна трилатералната средба на српскиот претседател, Александар Вучиќ, и кодомаќините премиерите на Унгарија, Виктор Орбан, и на Словачка, Роберт Фицо, на која централна тема ќе биде регионалната соработка и новите, иновативни решенија за запирање на илегалната миграција кон балканската рута.

На состанокот учествуваат и министрите за внатрешни работи на трите земји, бидејќи главни теми на состанокот се заштитата на надворешните граници на Европската унија и зајакнувањето на регионалните соработка во оваа област.

„Соработката на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, особено со Србија, е еден од клучните фактори за подобрување на миграциската ситуација во Европа. Сржта на оваа соработка се мерките за подобра заштита на границите на балканската рута и помошта за земјите од Западен Балкан во однос на процедурата за азил или реадмисија во трети земји, како и усогласување на визната политика со политиката на ЕУ“, соопшти прес-службата на словачката Влада пред средбата.

Словачкиот премиер Роберт Фицо, сака да разговара со претседателот Вучиќ и премиерот Орбан, пред сè, за нови, иновативни решенија базирани на примерот на соработката меѓу Италија и Албанија, каде што надвор од Словачка и Унгарија, мигрантите во трети земји ќе чекаат на прагот на ЕУ за да видат дали ќе добијат азил.

Фицо и Орбан се меѓу најгласните поборници за зајакнување на надворешните граници на ЕУ, вклучувајќи ја и границата со Србија, за мигрантите од Србија воопшто да не преминуваат на тлото на ЕУ.