Skip to main content
Македонија

Лекарската комора се огради од барање одговорност за починатото 14-месечно бебе

18/10/2024  13:03

Лекарската комора го доби извештајот со низата пропусти околу лекувањето на починатото 14-месечното бебе, но освен што изразува загриженост се огради од посочување и барање одговорност од сите инволвирани во здравствените институции во врска со случајот.

Потенцираат дека најголемиот број од пропустите се системски за кои велат треба да најдат останатите надлежни институции на чело со министерството за здравство.

Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на Министерот за здравство.

Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај, велат од Комората и потенцираат дека ќе постапат веднаш согласно надлежностите тогаш кога ќе добија решение од министерот за здравство во кое точно ќе се прецизира одговорноста и ќе се предложат мерки.

Министерот за здравство, Арбен Таравари вчера исто така се огласи дека тој не е надлежен да казнува или да отпушта од работа лекари, вели тоа е работа на директорите, тој не може да се меша, притоа образложувајќи дека не е ниту судија, ниту обвинител.