Skip to main content
Македонија

Левица поднесе кривична пријава против Гаши за блокирање на Законот за Бранители 

22/10/2024  12:41

Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:

Прес – конференција на пратеникот од Левица, Сашко Јанчев (интегрален текст)

– Денес политичката партија Левица поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Р. Македонија, Африм Гаши, поради блокадата на Законот за бранителите. 

Законот за бранителите е заглавен во собраниска процедура, откако Претседателот на матичната комисија реши да не свикува седница по истиот, односно реши да го блокира Законот. Во ваква ситуација – кога претседател на комисија решава да не свикува седница по одреден закон, односно кога решава да блокира одреден закон – должност и надлежност на Претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка, односно –  согласно член 126, став 3 од Деловникот: ,,Претседателот на Собранието е тој којшто треба да ја свика Комисијата и да назначи член којшто ќе ја води седницата на таа комисија”.

Но, претседателот на Собранието, Африм Гаши, уште пред месец дена, на 16 септември, изјави за медиумите дека тој нема намера да го одблокира Законот за бранителите, дека нема намера да свикува седница на надлежната комисија и до ден денешен таква седница не е свикана. 

Со ова Африм Гаши не си ја исполнува својата деловничка обврска. Несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности. Прави штета и прави кривично дело против службената должност и поради тоа денес политичката партија Левица му поднесе кривична пријава.