Skip to main content
Македонија

Есенски караван на Агенцијата за пошти – „АП поблиску до корисниците на поштенските услуги“

13/11/2024  08:53

Агенцијата за пошти во соработка со Канцеларијата на Народниот Правобранител, денеска и утре, ќе го спроведе вториот есенски информативен караван „АП поблиску до корисниците на поштенските услуги“.

Реализацијата на есенскиот караван ќе опфати три едукативни средби со граѓаните, студентите и претставници од бизнис-секторот, во градовите Велес, Штип и Струмица.

Целта на караваните организирани од  Агенцијата за пошти е да се доближи работата на давателите на поштенските услуги пред пошироката јавност, како и да се подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги.

– На едукативните средби ќе бидат презентирани и надлежностите на Агенцијата за пошти, а главен акцент ќе се стави на информирање на јавноста за остварување на законските права на корисниците, нивните обврски како и обврските на давателите на поштенските услуги.

На посетителите ќе им се даде можност да поставуваат прашања поврзани со обезбедувањето на услугите како и да информираат за евентуални забелешки поврзани со доставата, информираат од Агенцијата за пошти.