
Звучни имиња од политиката, бизнисот и лица кои биле опфатени со различни судски постапки се појавиле меѓу контактите во мобилниот телефон на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов, беше обелоденето на денешното продолжение на судскиот процес против него.
Податоците биле добиени по екстракција од телефонски уред што Ристов го користел во 2023 година, а кој повторно бил активиран во 2025 година. Обвинителката Искра Хаџи-Василева пред судот презентираше дел од контактите и комуникациите пронајдени во уредот.
Меѓу имињата и контактите што беа прочитани во судница се Бојан Јовановски – Боки 13, Исмет Гури, Љупчо Пецов – Ѓаволот, Фехми Стафа, Ана Камчева, Зоран Азманов, Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски и Фросина Ременски, како и други лица.
Во телефонот бил пронајден и контакт од поранешниот апелациски судија Енвер Беџети, кој е ставен на американската црна листа.
Обвинителството нагласи дека самото постоење на контактите не значи дека за сите презентирани имиња има докази за конкретна недозволена комуникација. Сепак, според обвинителката, контактите на апелациски судија со лица против кои се воделе или сè уште се водат постапки можат да бидат разгледувани од етички и законски аспект.
„Обвинителството сака да прикаже контакти што ги имал обвинетиот како судија, кои можат да бидат разгледувани во етички и законски домен“, рече Хаџи-Василева.
Таа посочи дека предметот против Ристов се однесува на конкретните кривични дела за кои е обвинет, но дека доказите, според ставот на Обвинителството, упатуваат и на контакти и комуникации кои ги оценува како недозволени за апелациски судија со лица поврзани со активни предмети и постапки.
Особено внимание во судницата привлекоа пораките меѓу Ристов и неговиот тогашен колега Енвер Беџети.
„Друже, како ти стои сега со ова што го имате КСЖ, ме прашува една колешка, брат ѝ бил?“, била една од пораките што Ристов му ги испратил на Беџети, а која беше прочитана во судницата.
Беа презентирани и пораки од други лица кои се однесувале на судски предмети.
Во една од нив се споменувал „предмет кај колешката Букурие“, при што се наведувало дека е важно одлуката да биде донесена до одреден рок.
Уште поголемо внимание привлече друга порака испратена до Ристов:
„И вториот предмет им помина. Што е работава, нели беше средено?“
Обвинителството со презентирањето на овие пораки настојува да го прикаже контекстот на контактите што обвинетиот ги имал додека ја извршувал судиската функција.
Одбраната, пак, остро се спротивстави на ваквиот начин на презентирање на доказите.
Адвокатот Звонко Давидовиќ оцени дека доколку Обвинителството сметало дека во некој од контактите имало незаконско постапување, требало да обезбеди конкретни докази и да постапува по нив.
Тој истакна и дека Ристов во Апелациониот суд не одлучувал самостојно, туку како дел од совет од тројца судии.
Голем дел од денешното рочиште беше посветен и на финансиското вештачење на имотот и приходите на Ристов и членовите на неговото семејство.
Вештакот Ѕвонко Кочовски, ангажиран од Обвинителството, ги анализирал годишните даночни пријави, банкарските сметки и податоците за имотот.
Обвинителството преку вештачењето настојува да покаже дека официјално евидентираните приходи не го објаснуваат износот од 350.000 евра во готовина, пронајден во семејната куќа во Неготино.
Според презентираните податоци, во 2016 година Ристов имал месечни примања од околу 60.000 денари, во 2019 година околу 75.000 денари, додека во 2024 година неговата плата достигнала меѓу 115.000 и 120.000 денари.
За неговата сопруга Симона Ристова беше наведено дека во 2016 година имала месечни примања од околу 17.000 денари, кои подоцна се зголемиле, а во 2024 година изнесувале околу 90.000 денари.
Вештакот посочил дека Ристов имал и помали дополнителни приливи, меѓу кои средства од Академијата за судии и јавни обвинители.
Одбраната, сепак, презентираше поинаква финансиска пресметка.
Адвокатот Давидовиќ при вкрстеното испрашување наведе дека Ристов во повеќе банки имал депозити од околу 25 милиони денари, додека неговата сопруга имала околу 11 милиони денари. Според неговата пресметка, вкупната сума изнесува околу 600.000 евра.
Тој го праша вештакот и дали кај мајката на обвинетиот, Донка Ристова, биле утврдени средства во износ од околу 975.000 евра, на што вештакот одговорил потврдно.
Одбраната потенцираше дека Ристов е судија од 2008 година и дека анализата на Обвинителството не ги опфаќа сите претходни години во кои тој и членовите на семејството биле вработени и остварувале приходи.
Давидовиќ најави дека нивниот финансиски вештак на следните рочишта ќе презентира докази со кои, според одбраната, ќе биде објаснето потеклото на средствата.
Ристов се најде под истрага откако во семејната куќа во Неготино беа пронајдени 350.000 евра во готовина, сокриени во простор зад плочки во кујната.
Според доказите презентирани од Обвинителството, станувало збор за 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. Обвинителството тврди дека при вештачењето биле пронајдени отпечатоци од Ристов, како и негова ДНК на алуминиумската фолија во која биле завиткани парите.
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов се товари за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“. Тој има право на презумпција на невиност до правосилно завршување на постапката.


