
Секое куче има свои уникатни навики. Додека повеќето од нив се слатки и безопасни, некои знаат да ги натераат сопствениците да се запрашаат што навистина значат. Токму тоа ја поттикнало една сопственичка да побара совет на Reddit, откако забележала необична реакција кај своето кученце Енцо секој пат кога ќе ја види.
Според неа, Енцо речиси во секоја ситуација се превртува на грб. „Откако го добивме, забележав дека буквално постојано лежи на грб. Без разлика дали се враќам дома од работа, јадам и тој сака залак, му зборувам построго или го ставам на поводник – тој едноставно паѓа на грб“, напиша сопственичката.
Иако однесувањето ѝ е симпатично, таа почнала да се прашува дали зад него се крие нешто повеќе. „Секогаш мислев дека само сака да му го чешкам стомакот, што со задоволство го правам. Но, слушнав дека некои кучиња се превртуваат кога се исплашени или вознемирени. Дали ова е нормално или само е мрзлив и сака гушкање?“, праша таа.
Совети од Reddit заедницата
Корисниците брзо ја утешиле. „Толку е сладок! Само внимавај дали му се тресе телото – тоа би било знак на страв. Во спротивно, ова е типично покорно однесување“, напиша еден корисник.
Друг додаде: „Тој само сака внимание и гребење. Со тоа ви покажува дека ве признава како водач.“ Трет коментар гласеше: „Ова е поза на покорност и доверба. Кучињата ги откриваат најранливите делови само пред оние на кои им веруваат, дури и кога се карани.“
Еден од корисниците посочи и важен совет за дресура: „Кучињата најдобро учат со позитивно засилување. Наместо казнување, наградувајте добро однесување.“
Што велат експертите?
Експертите од платформата Wag! наведуваат дека постојат пет најчести причини зошто кучињата ги покажуваат своите стомаци – и сите укажуваат на силна врска со сопственикот. Со ова однесување кучето покажува љубов и доверба, почит, уживање во вниманието, обид за смирување или едноставно чувство на сигурност.
„Кога среќно куче го покажува стомакот при вашето враќање дома, тоа всушност ви порачува колку ве обожава. Телото му е опуштено и очекува внимание“, велат експертите. Тие додаваат дека со откривање на стомакот, кучињата испраќаат порака на мир и го признаваат авторитетот на сопственикот.
Бидејќи стомакот е чувствителен и тешко достапен за самите кучиња, гребењето на тоа место им е особено пријатно. Дополнително, во лето тоа им помага и да се разладат, бидејќи крзното таму е најтенко. Експертите заклучуваат дека целосно опуштените и самоуверени кучиња често се превртуваат на грб во позната средина – едноставно затоа што се чувствуваат безбедно.

