Skip to main content
Македонија

ЗНАМ ќе раководи со Министерството за земјоделие и јавна администрација, Серафимовски нов министер

30/06/2026  20:40

Претседателот на политичката партија ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска соопшти дека во рамки на владината реконструкција, партијата ќе продолжи да раководи со Министерството за јавна администрација и ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека од септември ќе добие и дополнителна заменик-министерска позиција во едно од највлијателните министерства во Владата.

На чело на Министерството за јавна администрација останува досегашниот министер Горан Минчев, додека нов министер за земјоделство ќе биде Борче Серафимовски. Истовремено, Министерството за правда, кое досега го водеше ЗНАМ, ќе премине под раководство на коалицискиот партнер ВРЕДИ.

Димитриевски истакна дека ЗНАМ уште од своето формирање се води од државотворната идеја и дека партијата никогаш не ја сфаќала политиката како борба за функции.

„Кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не ги баравме најлесните ресори, туку оние каде можеме да дадеме најголем придонес за државата и граѓаните“, изјави Димитриевски.

Тој посочи дека Министерството за јавна администрација во изминатите две години спровело значајни реформи за професионализација и департизација на администрацијата, додека во Министерството за правда бил започнат најобемниот реформски циклус во последната деценија.

Говорејќи за новиот министер за земјоделство, Димитриевски нагласи дека Серафимовски поседува значајно академско и професионално искуство и е човек кој одлично ги познава состојбите во агросекторот.

„Тој ги разбира потребите на македонските земјоделци и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики“, рече лидерот на ЗНАМ.

На прес-конференцијата беше соопштено и дека Игор Филков ја напушта функцијата министер за правда. Димитриевски му се заблагодари за неговиот ангажман, истакнувајќи дека зад него остануваат 33 подготвени законски решенија, од кои 13 се дел од реформската агенда, а четири веќе се усвоени во Собранието.

„Тоа не е успех на еден човек или на една партија, туку успех на државата“, порача Димитриевски.