Skip to main content
Македонија

Жителите на Лагадин алармираат: По дивоградбата, инвеститорот сега сака да ја узурпира и плажата

06/09/2025  21:05

Здружението на граѓани за заштита на Лагадин денеска упати отворено писмо до министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, и побара итен инспекциски надзор, откако инвеститорот на спорниот хотел во населбата, Никола Толевски, најавил дека планира да го заземе и просторот на плажата, Во писмото, жителите потсетуваат дека проблемот со објектот на „Дебој инженеринг“ трае со години, обвинувајќи дека тој е изграден со кршење на сите закони за градење во заштитениот крајбрежен појас и со целосно игнорирање на препораките на УНЕСКО. Тие го цитираат и поранешниот премиер Зоран Заев, кој во 2018 година за овој проект изјави дека „за чичко Никола не може да биде ‘Не!’, мора да биде “Да!”“.​ Според здружението, листата на нелегални дејствија на инвеститорот постојано се зголемува.

Тие тврдат дека тој во меѓувреме нелегално додал уште еден, петти кат на објектот, доградил дополнителни простории и тераси, а годинава го узурпирал и влезот во населбата Лагадин со стеснување на улицата и заземање на две државни парцели.​ „Иако против инвеститорот се поднесени повеќе кривични пријави за нелегално градење и узурпација на јавен простор, не само во Лагадин, туку и во Пештани, тој продолжува со однесувањето ‘Никој ништо не ми може’ уште од 2017 година“, се вели во реакцијата на жителите.​ Поради најавата за, како што велат, узурпација и на плажата, тие бараат од министерот Николоски и од градоначалникот итно да спречат какви било натамошни интервенции околу дивоизградениот хотел за да се спречат дополнителни штети врз еколошкиот амбиент на охридското крајбрежје.