Skip to main content
Македонија

Жена нелегално наплаќа влез на локалитетот „Куклите“ тврди жител на Кратово

08/06/2026  12:29

Жителот на Кратово, Марио Станојковски, преку објава на социјалните мрежи алармираше за, како што тврди, незаконска наплата на влез и ограничување на пристапот до локалитетот „Куклите“, еден од најпознатите природни феномени во Македонија.

Во својата објава тој наведува дека повторно бил спречен да влезе на локалитетот, а притоа разговарал и со туристи од Косово кои му кажале дека платиле по 10 евра за влез.

„Куклите кај Кратово се природно богатство кое им припаѓа на сите нас. Јавен простор, создаден од природата и наменет за сите. Денес повторно бев спречен да влезам“, напиша Станојковски.

Според неговите тврдења, косовските туристи му раскажале дека при претходна посета им биле побарани по 20 евра по лице, а им било кажано дека локалитетот е приватна сопственост.l

Под објавата следуваа бројни коментари од граѓани кои тврдат дека имале слични искуства. Дел од нив наведуваат дека им биле барани пари за влез, додека други велат дека биле вратени без можност да го посетат локалитетот

„Денес со сопругата и внукот сакавме да ги посетиме Кратово и Куклите, но наидовме на жена која ни побара пари за влез, тврдејќи дека се работи за нејзин приватен имот“, стои во еден од коментарите.

Друг посетител навел дека од нив биле побарани 240 денари за семејна карта, по што се откажале од посетата и заминале.

Во дел од коментарите се споменуваат и средби со полициски службеници на патот кон локалитетот. Еден граѓанин тврди дека полицајци ги предупредиле за проблемите поврзани со наплатата на влез и им препорачале да се вратат.

Станојковски ги повика надлежните институции и медиумите да излезат на терен и да ги проверат наводите.