
Земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтеровата скала вечерва е регистриран во Македонија, а потресот бил почувствуван во Скопје и околината.
Според информациите од апликациите за следење на земјотреси, потресот бил регистриран во 17:41 часот по локално време. Епицентарот се наоѓал на околу 17 километри источно-југоисточно од Скопје и на околу 10 километри источно од населбата Кисела Вода.
Земјотресот бил на длабочина од околу 8 километри, што придонело истиот да биде почувствуван од граѓаните во повеќе делови од главниот град.
На социјалните мрежи и во коментарите на апликациите за следење на сеизмичка активност, граѓаните наведуваат дека потресот траел неколку секунди и бил „добро почувствуван“.
Засега нема информации за евентуална материјална штета или повредени лица.


