
Во своето традиционално божиќно обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украинците оваа година имаат една заедничка желба – крај на војната и мир за земјата, со јасна алузија на судбината на рускиот претседател Владимир Путин.
„Од дамнина, Украинците веруваат дека на божиќната ноќ небесата се отвораат. И ако тогаш му ја кажеш својата желба, таа ќе се исполни. Денес, сите ние имаме еден сон. И една желба – за сите нас“, рече Зеленски во обраќањето на Бадник.
Без директно да го именува Путин, украинскиот претседател додаде: „‘Нека исчезне’, можеби секој од нас си помислува во себе. Но, кога му се обраќаме на Бога, бараме нешто поголемо“. Зеленски нагласи дека Украинците бараат и се борат за мир, додавајќи дека народот го заслужува.
Тој говореше и за секојдневните желби на граѓаните – секое семејство да живее во слога, секое дете да се радува на подароци и насмевки, и луѓето повторно да имаат вера во добрината и чудата, и покрај војната што трае речиси четири години.
Зеленски потсети дека Русија и оваа година не прифатила божиќен прекин на огнот, туку, како и во претходните години, го искористила празничниот период за напади врз Украина. Од почетокот на целосната инвазија во 2022 година, Божиќ редовно минува под сирени и експлозии.
На 25 декември 2022 година, за време на првиот воен Божиќ, Русија изврши масовен ракетен и дронски напад врз енергетската инфраструктура, што доведе до големи прекини на струја и цивилни жртви. Во 2023 година, дронски напади во Херсон убија четири лица, токму кога Украина за првпат официјално го одбележа Божиќ на 25 декември, наместо на 7 јануари.
Минатата година, според украинските власти, Русија лансирала повеќе од 70 ракети и над 100 дронови на Божиќ, при што загинало најмалку едно лице, а над половина милион луѓе во Харкивска област останале без греење.
„За четврта година по ред , четврта година од војната за независност, има обиди да ни се одземе сето ова“, рече Зеленски. „И токму тоа го браниме денес: нашата земја, нашите семејства и чувството на мир во сопствениот дом“.
