
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека Киев ќе го почитува најавениот велигденски прекин на огнот, под услов истото навистина да го направи и Москва. Претходно во текот на денот, рускиот претседател Владимир Путин најави привремен прекин на воените дејствија за време на православниот Велигден.
„Ако навистина дојде до целосен прекин на огнот, Украина предлага тој да се продолжи и по Велигден, 20 април. Тоа ќе ги открие вистинските намери на Русија – затоа што 30 часа се доволни за да се влезе во вестите, но не и за вистински мерки за градење доверба. Триесет дена може да му дадат шанса на мирот“, изјави Зеленски преку објава на социјалната мрежа Х.
Тој нагласи дека мирот не може да биде декларативен, туку мора да се поткрепи со конкретни дејствија. Според него, токму продолжувањето на руските воени операции укажува на спротивното.
„Според извештаите на врховниот командант на украинските вооружени сили, Олександр Сирски, руските офанзивни операции продолжуваат, а не стивнуваат ниту артилериските напади“, посочи Зеленски.
Во обраќањето, украинскиот претседател изрази длабоко сомневање во искреноста на најавите од Москва.
Затоа, не им веруваме на зборовите на Москва. Премногу добро знаеме како Москва манипулира и подготвени сме на сè“, додаде тој.
Предлогот за 30-дневно примирје од страна на Зеленски доаѓа како обид за отворање простор за подлабоки дипломатски иницијативи, во време кога конфликтот продолжува да предизвикува жртви и уништување на двете страни.