
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, еден ден пред традиционалните прослави по повод Денот на победата во Москва, ги предупреди официјалните претставници на државите сојузнички на Русија да не патуваат во руската престолнина на годишната парада на 9 мај, со која се одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, пренесе ДПА.
Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски изјави дека Украина добила прашања од држави блиски до Русија во врска со патувањата во Москва, при што тие соопштиле дека нивни официјални претставници планираат да присуствуваат на свеченостите. Украинскиот лидер оцени дека желбата на странските претставници да присуствуваат на прославите во ваков момент е „чудна“.
– Ние не го препорачуваме тоа – рече Зеленски.
Традиционалните прослави на 9 мај во Москва вклучуваат воена парада на Црвениот плоштад. Рускиот претседател Владимир Путин прогласи прекин на огнот за време на одбележувањето, но Зеленски изрази сомнеж во врска со тој потег.
– Тие бараат дозвола од Украина да ја одржат својата парада, за безбедно да излезат на плоштадот еден час во годината – изјави украинскиот претседател, додавајќи дека Русија потоа сака повторно да продолжи со војната и со нападите врз Украина.
Москва претходно денеска потврди дека ќе го почитува прекинот на огнот и соопшти дека руските сили ќе ги прекинат воените операции од полноќ до 10 мај, согласно едностраната наредба на Путин.
Руската страна, исто така, ја повтори заканата дека ќе одговори со масовен напад врз центарот на Киев доколку Украина се обиде да ги попречи свеченостите во Москва. Руското Министерство за одбрана повторно ги повика странските дипломати да го напуштат главниот град на Украина.
Киев претходно предложи сопствен едностран прекин на огнот, кој потенцијално требаше да започне уште вчера, но се откажа од иницијативата по само еден ден, откако Русија изврши еден од најголемите напади со дронови од почетокот на војната, која трае повеќе од четири години.


