
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати апел до сојузниците на Украина да застанат цврсто зад Киев и да ѝ испратат порака на Москва дека продолжувањето на војната нема смисла, во пресрет на клучниот Самит на Европската унија на кој ќе се дискутира за замрзнатите руски средства.
„Исходот од овие состаноци исходот за Европа мора да биде таков што Русија ќе почувствува дека нејзината желба да продолжи со борбите следната година ќе биде бесмислена бидејќи Украина ќе има поддршка“, рече Зеленски во своето вечерашно обраќање.
Тој ги повика партнерите на Украина да донесат одлука за користење на околу 250 милијарди долари замрзнати руски државни средства во Европската унија, од кои најголемиот дел се чуваат во белгискиот „Јуроклир“ (Euroclear), со цел поддршка на заем за Украина.
Минатата недела, владите на земјите членки на ЕУ се согласија замрзнатите средства да останат под санкции до понатамошно известување, наместо на секои шест месеци да се гласа за продолжување на нивниот статус. Сепак, дел од европските лидери изразија резерви кон ваквиот план, поради стравувања од можни правни последици.
„Ни треба сите наши партнери да имаат храброст да ја видат вистината, да ја признаат вистината и да дејствуваат соодветно“, рече Зеленски, додавајќи дека потезите на Русија укажуваат на намерата конфликтот да продолжи и во наредната година.

