Skip to main content
Македонија

Зелена мрежа на советници: Борбата за чист воздух веќе не може да се води поединечно по општини и со изолирани мандати

23/11/2025  12:29

Борбата за чист воздух не може да се води поединечно по општини и со изолирани мандати, туку преку поврзана мрежа која гради притисок и нуди конкретни решенија, заклучија учесниците на дискусијата „Зелена мрежа на советници: Партнерства за зелена иднина”, организирана од Зелената партија ДОМ во Скопје. Настанот ги поврза локалните зелени советници, независните кандидати и експертите за да се отвори системски дијалог за загадувањето и неговото влијание врз здравјето.

Во фокусот беше врската меѓу аерозагадувањето и здравјето. Проф. д-р Антони Новотни, советник во општина Центар и ко-претседател на ДОМ подвлече дека прашањето е старо и комплексно, како и дека е потребно да се идентификуваат клучните точки за притисок — енергетика, транспорт, урбанизам, индустрија и здравство.

„Ако државата не е пример и јавниот сектор продолжи да користи фосилни горива, регулативата останува мртво слово на хартија”, порача тој. Новотни се повика на податоци (УНИЦЕФ 2024) според кои значителен дел од смртноста кај новороденчињата и предвремените смртни случаи е поврзан со аерозагадување.

Јане Димески советник во општина Центар од  „Шанса за Центар” посочи дека еден од најголемите причинители на аерозагадувањето е тоа што јавните институции користат мазут за греење и во таа насока потребен е системски и практичен пристап на локално и национално ниво.

„Прашањето не е дали проблемот постои, туку дали сме подготвени да создадеме заедничка иницијатива која ќе даде конкретни решенија, а не само декларации, на пример колку што се издвојуваат средства за греење на мазут, Владата исто толку да издвои и за мерки против аерозагадувањето”, истакна Димески.

Во дискусијата активно се вклучија и ко-претседателите на зелената партија ДОМ, Александар Анѓушев и проф. д-р Ана Угринска. Анѓушев потенцираше дека „Законот за јаглеродни емисии претставува клучен механизам за контрола кој им овозможува на компаниите и институциите да бидат општествено одговорни преку управување со својот јаглероден отпечаток и усогласување со ESG принципите. Затоа апелирам за негово побрзо донесување”. Угринска  додаде дека загадувањето на воздухот не единствениот проблем, туку потребен е интегриран и целосен пристап со кој ќе се делува и ќе се работи и против загадувањето на водата и почвите. Во дискусијата активно се вклучуваа сите присутни со интерпретација на податоци од СЗО и Светската банка истакнувајќи ги притоа и економските последици, но и можните придобивки од ефективното управување со аерозагадувањето.

Свој придонес во дискусијата даде и Горан Стојковски – Диро, независен кандидат за градоначалник на Куманово, кој низ примерот на својот град ја потврди истата матрица на проблеми, кои се комбинација од стари системи за греење, индустриски емисии и неодржлив урбан развој.

„Куманово не е исклучок — потребна е политичка храброст да се донесат неопходни одлуки”, рече тој.

Со овој настан ДОМ ја потврди улогата како мост меѓу партиските и независните зелени гласови, нагласувајќи дека зелената политика ги надминува традиционалните партиски рамки.