
Денеска завршува двонеделната кампања за вториот круг од локалните избори 2025, кои ќе се одржат во недела, на 2 ноември. На полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до недела до 19 часот, кога се затвораат избирачките места.
Во вториот круг ќе се гласа во 32 општини и во Град Скопје, а ќе има и прегласување на три избирачки места во Шуто Оризари. Во сабота, како што е вообичаено, први ќе гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и лицата во домашен притвор.
Кампањата завршува со митинзи и прес-конференции на кандидатите.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Скопје го одржа завршниот митинг, на кој се обратија премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Мицкоски порача дека „во вториот круг победата ќе биде историска“, а Ѓорѓиевски ги повика скопјани масовно да излезат на гласање „за работа и за човек кој знае и умее“.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска најави мини митинг со обраќање на Мицкоски, Ѓорѓиевски и кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ.
Кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, ќе одржи завршна прес-конференција.
Во Град Скопје право на глас имаат 474.304 гласачи, кои ќе избираат меѓу Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Скопје втор круг ќе има и во неколку општини:
Карпош: Стевче Јакимовски и Сотир Лукровски
Аеродром: Дејан Митески и Александар Трајановски
Центар: Мирослав Лабудовиќ и Горан Герасимовски
Шуто Оризари: Ерџан Демир и Курто Дудуш
Втор круг ќе се одржи и во уште 28 општини низ земјата, меѓу кои Куманово, Валандово, Кичево, Кочани, Пробиштип, Струга, Тетово, Дебар и други.
Во неколку општини, како Могила и Македонски Брод, кандидатите се повлекоа, но според ДИК гласањето ќе се спроведе бидејќи избирачките ливчиња веќе се испечатени.
Во првиот круг беа избрани градоначалници во 44 општини, а во недела ќе се одлучува кој ќе ги предводи преостанатите.

