
Прилепскиот капацитет за наменско производство „11 Октомври – Еурокомпозит“ излегува од стечајните води и преминува во рацете на приватни инвеститори, покажуваат најновите документи од Централниот регистар. Според официјалните решенија донесени овој месец, стечајната постапка е и официјално заклучена. Сепак, паралелно со сопственичките промени, евидентирано е и одземање на дозволата за приватно обезбедување која ја поседуваше фабриката.
Македонско-полски конзорциум ја презема палката
Стечајната постапка, која траеше од крајот на 2022 година, завршува со влез на свеж капитал преку претходно одобрен план за реорганизација (усвоен на 5 декември 2025 година). Новите инвеститори кои го преземаат „Еурокомпозит“ се скопската компанија „Футура Мода Два ДООЕЛ“ и полската компанија „FHR Armorl Logistics Sp. z o.o.“.
Тие ќе го преземат целосното сопствеништво на компанијата од досегашниот единствен акционер – Владата на Република Македонија. Со правосилноста на судското решение, инвеститорите стекнуваат право непречено да ја извршуваат дејноста и да го реализираат материјалниот дел од планот за спас на некогашниот гигант.
Остануваат без сопствено обезбедување
Покрај сопственичката трансформација, во Централниот регистар е евидентирана и значајна промена поврзана со безбедноста на објектот. Имено, извршен е упис на промена со која на Друштвото му се одзема дозволата за приватно обезбедување за сопствени потреби.
Како што стои во документите, оваа постапка е спроведена врз основа на официјални известувања од Министерството за внатрешни работи (МВР) донесени во јануари и март 2026 година, со што компанијата во иднина ќе мора да бара алтернативни решенија за физичкото обезбедување на својот имот и капацитети.
Сметките остануваат активни за подмирување обврски
Заради непречено подмирување на обврските предвидени со планот за реорганизација, Комерцијална банка АД Скопје нема да ги згасне редовната и девизната стечајна сметка на друштвото сè до 31 декември 2029 година. За менаџирање со овие сметки и вршење на уплати и исплати од редовната дејност останува овластена досегашната стечајна управничка, Љубица Зајкоска.
Со овие правни чекори, прилепската наменска индустрија врти нов лист, надевајќи се на ревитализација на производството под водство на новиот македонско-полски сопственички двоец.


