
Пукањето петарди и огномет може сериозно да ги исплаши домашните миленици и да предизвика силен стрес, повреди, па дури и срцев удар кај чувствителните животни. Затоа е важно навреме да се преземат заштитни мерки. Се препорачува милениците да се сместат во тивка просторија, подалеку од улица, со спуштени ролетни и вклучен телевизор или радио за пригушување на бучавата.
Омилена играчка или предмет исто така може да им помогне да се чувствуваат посигурно. Најважно е сопствениците да останат смирени, бидејќи животните го чувствуваат стравот и нервозата на човекот. Кај миленици со изразен страв, кои треперат, повраќаат или стануваат агресивни, ветеринарите советуваат употреба на соодветен седатив, како најхумано решение. Според стручњаците, на некои животни им се потребни и неколку недели за целосно да се опорават од стресот предизвикан од силните експлозии.
