Skip to main content
Економија

Засега нема подоцна да се оди во пензија, системот е стабилен, уверува Мицкоски

06/10/2026  13:52

Владата засега не планира зголемување на старосната граница за пензионирање, ниту на придонесите за пензиско осигурување, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој уверува дека пензискиот систем е стабилен и дека пензионерите немаат причина за загриженост.

Изјавата доаѓа во контекст на дискусиите за одржливоста на пензискиот систем и забелешките на Фискалниот совет дека линеарното зголемување на пензиите создало дополнителен дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Одговарајќи на критиките, Мицкоски оцени дека секоја политичка одлука има позитивни и негативни страни, но дека придобивките од зголемувањето на пензиите биле поголеми. Според него, Владата ги разгледува препораките и анализите, а конечните одлуки ги носи врз основа на сопствената процена.

Премиерот посочи дека финансиската стабилност треба да се обезбедува преку откривање злоупотреби и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Како пример ги наведе реформите во социјалната заштита, каде што, според него, биле утврдени сериозни неправилности.

Мицкоски изнесе забелешки и за начинот на кој во минатото бил поставен вториот задолжителен пензиски столб. Тој смета дека не биле доволно предвидени долгорочните последици со кои државата се соочува денес, но нагласи дека системот и покрај предизвиците останува ликвиден.

Според постојните услови, право на старосна пензија се стекнува со наполнети 64 години за мажи, односно 62 години за жени, и најмалку 15 години пензиски стаж.