
По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.
Предмет на истрагата беше постоење на основано сомнение дека во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза, биле сторени злоупотреби при јавните повици, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари и други приноси од казниво дело.
Како што наведуваат од ОЈО ГОКК во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут.
„Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија.
Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари.
Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија. Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар.
Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино.
Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.
Со оглед дека од сите прибрани докази не произлегува основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела кои се гонат по службена должност, донесена е Наредба за запирање на истражната постапка. Против ваквата одлука на обвинителството оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок 8 дена од денот на приемот на наредбата за запирање на истражната постапка“ се наведува во образложението.


