Skip to main content
Македонија

Започна отстранувањето на терасите во Трговскиот центар во Кочани

23/03/2026  11:31

Од утринава, угостителите кои работат на катот во Трговскиот центар – блок А во Кочани започнаа со отстранување на терасите поставени на јавна површина пред нивните локали.

Станува збор за обврска што произлегува од договорот постигнат пред два месеца меѓу градоначалникот Владко Грозданов и сопствениците на угостителските објекти. Со договорот е предвидено сите времени градби, кои се третираат како бесправни, да бидат отстранети на сопствен трошок.

Со ова, просторот пред локалите, особено пред пицериите, треба целосно да се расчисти и повторно да стане прооден за пешаците. Досега, како што посочуваат надлежните, граѓаните биле принудени да се движат низ тесен „тунел“ широк околу метар и пол.

Дел од угостителите информираа дека привремено ќе прекинат со работа поради безбедносни причини, додека други ќе продолжат да работат во внатрешниот дел од локалите, како и со достава и нарачки.

Во иднина, сопствениците ќе можат повторно да побараат користење на јавната површина, но само доколку ги исполнат законските услови. Тоа подразбира поставување подвижни тенди, чадори и опрема без оградување, при што просторот мора да остане отворен од три страни.

Кафулињата на приземјето веќе ги отстранија застаклените делови што се на јавна површина, додека нивните тенди ќе останат.

Од општината најавуваат дека оваа мерка нема да важи само за трговскиот центар, туку ќе се применува за сите угостителски објекти на територијата на Кочани, со цел воведување поголем ред и обезбедување слободен пристап до јавните површини.