
Голема количина различни видови дрога е запленета при полициски претрес во стан во Скопје, а против две лица е поднесена кривична пријава.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ноќта меѓу 2 и 3 јули, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, по претходно добиена судска наредба, извршиле претрес во стан што го користеле М.Б. и Н.Ј., кои претходно биле лишени од слобода од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција.
При претресот биле пронајдени и одземени околу 11,5 килограми марихуана, 400 грама кокаин, како и амфетамин, екстази, ЛСД, масло од хашиш, хашиш смола и халуциногени печурки.
Осомничените се задржани за понатамошна постапка, а Единицата за недозволена трговија до надлежното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава по итна постапка.


