
Соопштение за јавност на ЛДП:
Пратениците од владејачкото мнозинство повторно не ги поддржаа измените и дополнувањата на Законот за платежни услуги и платни системи, со кои ќе се намалеа непотребните банкарски провизии и ќе се заштитеа граѓаните од плаќање дополнителни средства, во време на секојдневни економски предизвици и раст на цени.
„Денес не одлучуваме за интересите на банките. Денес одлучуваме дали сме на страната на граѓаните или на страната на банкарските профити. Три години ЛДП го отвора ова прашање. Три години предупредуваме дека не е нормално граѓаните да плаќаат сè повисоки провизии додека банките бележат рекордни добивки. Три години слушаме изговори, а граѓаните добиваат нови трошоци”, изјави денеска од собраниската говорница претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова.
Во време кога семејствата едвај го поминуваат месецот, кога пензионерите пресметуваат дали ќе купат лекови или храна, кога младите се борат за пристоен живот, некој решил дека и банкарските провизии треба дополнително да растат.
„Тоа е злоупотреба на позиција и профитирање на грбот на народот. Банките не создаваат профит во празен простор. Тој профит доаѓа од секој работник, секој пензионер, секој студент и секое семејство кое е принудено да користи банкарски услуги. Затоа е сосема оправдано државата да постави граници таму каде што јавниот интерес е загрозен. Да не заборавиме – граѓаните не се клиенти по сопствен избор. Денес плата, пензија, социјална помош и речиси секоја трансакција минуваат преку банкарскиот систем. Ако веќе граѓаните се обврзани да бидат дел од тој систем, тогаш државата е должна да ги заштити од неоправдани трошоци”, посочува претседателката Зајкова и ги праша колегите кому ќе му служат? На луѓето кои ги избрале или на оние кои секоја година прикажуваат милионски профити?
„Гласањето за овој закон е едноставен избор. Избор помеѓу интересот на граѓаните и интересот на профитерите. ЛДП е на страната на граѓаните. Очекуваме и вие денес да бидете таму. Ве повикувам конечно да го поддржите законот”, заклучи Зајкова во својот говор, но пратениците од владејачкото мнозинство со одбивањето на предлогот, наместо на страната на граѓаните, одбраа да одработат за банките.



