
„Светот влегува во сериозна економска турбуленција. Земјите веќе се организираат, разговараат за економскиот раст, инфлацијата, носат мерки и водат сериозни политики за заштита на своите граѓани. Македонија не смее да доцни”, пишува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, во својата објава на социјалните мрежи.
Претседателката Зајкова изминатите неколку денови е во Вашингтон, С.А.Д., на Пролетните состаноци (Spring Meetings 2026) организирани од ММФ и Светската Банка.
„Барам итно свикување на Националниот совет за безбедност и подготовка на јасна економска стратегија – со цел да ги заштитиме нашите граѓани од финансиските шокови кои ќе биде многу тешко да ги издржат”, вели Зајкова во објавата.
На економските форуми на настанот се презентираа податоци за глобалниот раст и можности за негов пад, како и тоа дека повеќе од 12 држави веќе бараат итна финансиска помош поради енергетскиот шок и растот на цените.
„Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во нејзиното обраќање повторно предупреди дека оваа криза ќе има долгорочни последици и дека ‘сите ќе го почувствуваат ударот’, а особено најранливите, во услови на најголем енергетски шок во децении”, завршува Зајкова во својата објава.
