
„Досега само кратење на роковите за застареност и казните сме виделе, не сме виделе зголемување. Еве јас не сакам да бидам ‘Ванѓа’ како за многу работи кои што досега ги предвидов. Еве дај Боже овој пат да ми се грешни предвидувањата и да нѐ изненадат, да постои во институтот на застареност интервенција каде што за 30-тата глава од Кривичниот законик која се однесува на делата кој го оштетуваат буџетот ќе има зголемени рокови на застареност”, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Зајкова посочи дека не гледа простор за суштинска дебата кога законите континуирано се носат по скратена постапка.
„Не знам како може да се отвори суштинска дебата, но едно што може да се погоди е дека и во новиот закон нема да ги има деловите кои што ЛДП ги бараше за зголемување на роковите на застареност токму во главата која што се однесува на коруптивни дејствија кои го оштетуваат буџетот на граѓаните”, истакна Зајкова.
Таа потсети дека истите политички структури кои во минатото жестоко ги критикуваа европските знаменца и скратените постапки, денес речиси секојдневно носат закони по скратена постапка.
Осврнувајќи се на измените на Кривичниот законик, Зајкова нагласи дека не дала поддршка ниту на претходните, ниту на сегашните решенија, бидејќи и едните и другите ги смета за штетни.
„Не може вие да бришете одговорност на раководни лица во органите на управата. Тоа се директори, министри и слично или да бришете коруптивни дејствија во делот на јавните набавки или застареноста да остане иста, а да кажете дека сте донеле нешто ново. И тогаш ме убедуваа – ова е преодно решение, сега ќе биде законот, утре ќе биде… јас не знам дали ќе биде до 30 јуни. Еве дај Боже да биде, ама како тече времето не верувам дека ќе има суштинска дебата бидејќи времето не дозволува, ако сакаме да го фатиме рокот за реформската агенда, ќе оди сѐ по скратена постапка, како што впрочем и се прави секој ден во Собранието”, изјави Зајкова.
Според претседателката на ЛДП, особено загрижувачки е односот на власта кон Законот за Судскиот совет.
„За мене е многу поразително да донесете нов закон за Судски совет пред неколку месеци и минатата недела повторно да му правите измени. А дел од тие измени се токму во насока на амандманите што ние сме ги предлагале, што значи дека не биле одбиени затоа што не биле добри, туку од суета. Нас треба Брисел да ни го врати законот, за да ние повторно правиме измени, а потоа зборуваме за правна сигурност”, порача Зајкова.


