Skip to main content
Свет

Забрчанец: Про-украинскиот медиумски простор заробен во стапицата на нереални очекувања

13/02/2026  15:45

Три години по руската инвазија, про-украинскиот медиумски простор, од Вашингтон до Скопје, е заробен во стапица што самиот ја создаде, а тапицата се вика: нереални очекувања, пишува Марјан Забрчанец во анализа за Рацин.мк.

Секој кој ја поддржува Украина, а јас сум меѓу нив, пишува Забрчанец, мора да си постави едно искрено прашање: дали навивањето и преувеличувањето на руските загуби, дали бомбастичните наслови за „претстојниот колапс на Русија” и дали лажната надеж дека Путин „само што не паднал” навистина ѝ помагаат на Украина? Или можеби создаваат „јаз на разочарување” кој може да донесе штета поголема и од самата руска пропаганда?

Одговорот, за жал, е јасен. И треба да го кажеме гласно.

Бројките не навиваатбројките сведочат

Ова е најкрвавиот европски конфликт од Втората светска војна. Според студијата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) објавена во New York Times во јануари 2026 година, вкупните воени жртви на двете страни се приближуваат кон 2 милиони загинати, ранети и исчезнати. Ниту еден конфликт по 1945 година не произвел ваков број жртви меѓу редовни армиски сили.

На руска страна, бројките се застрашувачки. Британското разузнавање проценува околу 1,1 милион вкупни руски жртви од почетокот на инвазијата. Проектот на BBC и Mediazona е единствениот независен обид поименично да се верификуваат руските загуби и со него се потврдени имиња на околу 160.000 загинати Руси, но се наведува дека реалниот број е многу поголем, веројатно меѓу 243.000 и 352.000.

Само во 2025 година, украинскиот Генералштаб евидентирал 416.570 руски жртви, што значи просечно 78 жртви за секој квадратен километар освоена територија.

Но, еве го делот што „навивачките” медиуми најчесто го прескокнуваат.

Украинските загуби не се мали. Претседателот Зеленски во февруари 2025 година потврди 46.000 загинати и 390.000 ранети украински војници. CSIS проценува вкупно околу 100-140.000 украински загинати и околу 450.000 исчезнати и ранети. А, цивилниот биланс за 2025 година е најтежок од почетокот на инвазијата: Мониторинг мисијата на ОН за човекови права регистрирала 2.514 загинати и 12.142 повредени цивили, пораст од 31% во споредба со 2024 година.

Кога некој медиум или аналитичар ги прикажува само руските загуби, а ги прескокнува украинските, не прави услуга. Публиката не е глупа. Кога ќе сфати дека добивала полу-слика, не губи доверба само во тој медиум, туку во целиот наратив.

Теренот не лаже: ниту руски триумф, ниту руски колапс

Русија контролира околу 18–20% од украинската територија, вклучувајќи го Крим. Во 2025 година, руската армија освоила 4.831 квадратни километри, што е 0,8% од вкупната украинска територија. Институтот за проучување на војната (ISW) во неговата декемвриска проценка за 2025 година нотира дека ова ја прави руската офанзива една од најбавните во модерната воена историја.

Ова е клучно. Украина не паѓа. Украина се држи. Но, во исто време Русија не се распаѓа, ниту се откажува, ниту се повлекува, ниту капитулира.

Ова не е проблем само за воените аналитичари. Ова е комуникациски проблем. Како што покажува извонредната анализа на шведскиот Институт за одбранбени истражувања (FOI), објавена во мај 2025 година под наслов „All Eyes on Ukraine”, стратешката комуникација во војна е алатка за обликување на значењето на самата војна, но не може да ја замени воената реалност. Истражувачите Per-Erik Nilsson и Kristina Hellström, врз основа на 18 интервјуа со украински комуникациски практичари во Киев, заклучуваат дека „стратешката комуникација не го заменува воениот капацитет” и дека „претерано техничкиот пристап кон комуникациите ризикува да ја потцени човечката комплексност на војната.”

Поинаку кажано, можеш да имаш најдобра ПР стратегија на светот, но ако наративот не е усогласен со реалноста, таа паѓа.

Комуникацискиот триумф од 2022 и лекциите кои не ги научивме

Треба да бидеме фер. Првите месеци по инвазијата комуникациите на Западот беа мајсторско дело. Може слободно да се каже,  едно од најуспешните во модерната историја на стратешки комуникации.

Професорот Nicholas Cull од Универзитетот Јужна Калифорнија, еден од водечките светски експерти за јавна дипломатија, ја анализираше украинската комуникација во својот труд „The War for Ukraine: Reputational Security and Media Disruption”, објавен во Place Branding and Public Diplomacy. Неговата теза е дека Украина успеа зашто нејзината комуникација беше „заснована на автентичност, а не на спин.” Зеленски, кој одби да бега и снимаше селфи-видеа од опсадниот Киев, стана глобален симбол не зашто имаше добра агенција за односи со јавност, туку зашто неговата постапка беше вистинита. Cull пишува дека „репутациската безбедност” зависи од усогласеноста меѓу зборовите и делата и дека кога таа усогласеност ќе се наруши, никаква ПР машинерија не може да ја врати довербата.

Американската стратегија на „prebuttals”, разоткривање на руските лаги уште пред тие да бидат изречени, како што НАТО го документираше во своите анализи од Joint Warfare Centre, беше генијален потег. Покажа дека транспарентноста е најсилното оружје против дезинформации. Но, тогаш дојде 2023 година.

„Ова не е холивудски филм”, а некои токму тоа го ветуваа


Летото 2023 година, Украина ја лансираше долгоочекуваната контраофанзива. Голем воен напад чија цел беше да ги пробие руските линии на југот и да ги врати изгубените територии. Месеци пред тоа, очекувањата беа надувани до небо. Михајло Подољак, еден од главните советници на Зеленски, јавно изјави дека Украина ќе го „врати Крим во рок од пет до седум месеци.” На социјалните мрежи, коментатори тврдеа дека офанзивата „ќе ја препише воената историја.”

Ништо од тоа не се случи. Офанзивата траеше цели четири месеци, но заврши без голем територијален пробив. Руските одбранбени линии, километри мински полиња, ровови и утврдувања, се покажаа поцврсти отколку што јавноста беше подготвена да очекува.

Разочарувањето беше големо. Не зашто Украина не се бореше храбро, туку зашто наративот ветуваше нешто што теренот не можеше да го испорача.

Новинарот Neil Hauer, во анализата „Ukraine’s War of Narratives” објавена во War on the Rocks, го опишува ова како повторувачки луп: секој пат кога медиумите и коментаторите создаваат преголеми очекувања, следува неизбежен крах и публиката не губи доверба само во конкретната вест, туку во целиот наратив.

Тоа е лекцијата. Кога на луѓето им ветуваш холивудски пресврт, а добиваат бавна, крвава реалност, тие не мислат дека филмот е тежок и не го разбрале. Тие мислат дека си ги манипулирал или дека немаш осет за реалноста.

FOI извештајот од 2025 година го нарекува ова „управување со очекувања” (managing expectations) или поточно неуспех во управувањето со очекувања. Во едно од поглавјата, насловено „Ова не е холивудски филм” (This Is Not a Hollywood Movie), истражувачите покажуваат како прекумерното ветување создало „замор од информации” и „недостаток на внимание” кај западните публики. Зеленски самиот во јули 2023 признал дека напредокот е „забавен од потешкотии”, но до тогаш штетата врз наративот веќе била направена.

Целата анализа на следниот линк