Skip to main content
Македонија

Забрчанец: Дали Мицкоски се правда или бара мандат кој ќе трае со децении?

04/10/2025  22:09

ВМРО-ДПМНЕ речиси во секој свој спот повторува дека промените не доаѓале наеднаш, дека требало трпение, морало чекор по чекор, јасно е дека тоа го прават како оправдување за катастрофално лошиот перформанс во првата година и пол откако ја имаат централната и апсолутната власт и за дебаклот во Скопје и општините после четири години локална власт, пишува на социјалните мрежи екс националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.

Според него. правдањето земало радикални размери со обраќањето на Мицкоски лично во еден од спотовите во кој вели дека “за вистинската промена биле потребни децении”.

„Останува нејасно дали со оваа изјава Мицкоски сака само да се оправда за досегашните неуспеси или пак сака од напред да најави дека нема способност за позначајна промена до крајот на неговиот мандат. Или пак се спрема за уште неколку децении неуспеси?“ пишува Забрчанец.

Забрчанец во својата објава издвојува и 11 домашни примери кои покажуваат дека за вистински промени не се потребни децении, туку решителност, посветеност, креативност и сојузништва.

„01. За две години – Решавање на спорот со Грција и членство во НАТО (2018 – 2020)

02. За четири години – Решение за обештетување на сите стечајци во Македонија (2017 – 2021)

03. За седум години – Раст на минималната плата за повеќе од 100% (10.000 ден во 2017, 22.000 денари во 2024) и раст на просечната плата за 85% (23.500 ден во 2017, 43.500 денари во 2024 година)

04. За година и пол – Владата стана прва по транспаретност и отвореност во регионот, а бевме последни (2017 – 2018)

05. За две години – Социјална помош се зголеми за 300% (2017 – 2019)

06. За четири години – 60 изградени и реновирани градинки (2017 – 2021)

07. За пет години – Повеќе од 130 милиони евра вратени директно на сметките на граѓаните преку проектот Мој ДДВ (2019 – 2024)

08. За две години – 700 милиони евра вкупна исплатена помош за граѓаните и стопанството за справување со последиците од Ковид-19 (2020 – 2022)

09. За пет години – Отворен Балкан ги укина работните дозволи меѓу Македонија, Албанија и Србија, воведе зелени ленти за границите за брз проток на транспортерите, ги усогласи МТАГ бесконтактните патарини и ги активираше механизмите за помош меѓу трите држави при несреќи и катастрофи (2019 – 2024)

10. За пет години – Македонскиот јазик признаен и ставен во употреба во Европската Унија – после решавањето на спорот и Грција и усвојувањето на “францускиот предлог”, Северна Македонија потпиша официјален договор со ЕУ (Фронтекс) на македонски јазик, а Унијата отвори повик за толкувачи на македонски јазик за официјален превод на сите документи поврзани со преговарачкиот процес (2019 – 2024)

11. За девет месеци – Укинување екстерно тестирање, враќање евтина тарифа на струја, намалување ДДВ на парно од 18 на 5%, укинување радиодифузна такса (2017 – 2018 година“ наведува тој во објавата.