Skip to main content
Македонија

За брз кредит од 10.000 денари, враќањето не надминува 20.000 денари

04/02/2025  16:40

Новите законски измени во регулативата за небанкарските финансиски друштва значително го подобрија нивното работење, поставувајќи ги меѓу најстрого регулираните во регионот. Со овие измени, измамите со злоупотреба на личните податоци се сведени на минимум, а заемите се одобруваат без скриени трошоци или нејасни договори, велат од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија.

Каматните стапки се движат од нула до 36 проценти, при што максималните трошоци за брз кредит од 10.000 денари, дури и со задоцнување на отплатата, не надминуваат 20.000 денари, објаснува претседателот на Групацијата, Никола Јошевски.

Потпретседателката Биљана Мишиќ потенцира дека каматата навистина е нула во одредени случаи. Ова се однесува на модели на соработка со трговците – на пример, при купување телевизор од 10.000 денари, финансиското друштво го финансира трговецот, а купувачот го отплаќа производот без дополнителни трошоци.

Со новите регулаторни мерки, бројот на финансиски друштва се намали од 35 на 27, од кои 20 се членки на Групацијата. Измените во Законот за финансиски друштва од 2023 година ги поставија построги критериуми за нивно работење – оснивачкиот капитал се зголеми од 100.000 на 500.000 евра, а секое друштво мора да има вработени економист и правник.

Според Арлинда Муја, потпретседателка на Групацијата и регионален директор на „Тиго“ за Македонија и Албанија, македонската регулатива е најнапредна во Западен Балкан.

Новите процедури налагаат строга контрола на личните податоци, особено преку дигитални системи како „Евротраст“, каде што се користи технологија за препознавање на ликот и потврдување на идентитетот на корисникот. Оние финансиски друштва што сè уште не ја имплементирале оваа технологија, кредитите ги исплаќаат исклучиво на банкарска сметка на клиентот.

Иако овие друштва сè уште не се под надзор на Народната банка, експертите сметаат дека со растот на стандардот и развојот на финансиските услуги, оваа промена ќе стане неизбежна. Засега, нивното учество во финансискиот сектор изнесува 1,1 процент, со портфолио од 171 милион евра.