Skip to main content
Скопје

За Арсовска не е проблем што скопјани ќе останат без вода едно деноноќие и нема потреба од дотур на вода

17/12/2024  15:28

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше дека санирањето на главниот цевковод во главниот град, кое е најавено за во сабота, нема да трае подолго од една обична санација на дефект.

-Од „Водовод“ веќе известија иницијално. Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Сите оние кои што од политички или било кои побуди сакаат да креираат неизвесност или страв меѓу населението, апелирам тоа да не го прават. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие. Нема да биде ништо надвор од сите останати процедури што ги имаме при санација на не толку сериозни дефекти низ градот, рече градоначалничката на прес-конференција пред акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека поради излевање на вода на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4, в сабота на 21 декември ќе биде затворен главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров за да се санираат неколку сериозни дефекти. Притоа не прецизираа кои точно улици или населби ќе бидат без пивка вода и колку време ќе биде потребно за санирање на дефектите.