
Петгодишно девојче почина од повредите здобиени во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи во Краљево, Србија, кога автомобил излетал од коловозот и удрил во пешаци.
Несреќата се случила околу 19 часот на улицата „Четврти краљевачки баталјон“, а моментот на ударот бил регистриран од безбедносни камери.
Според снимките, автомобилот во еден момент се движел меѓу две сообраќајни ленти. Кога од спротивната насока наишло друго возило, црниот автомобил нагло ја променил насоката, излетал од коловозот и се качил на површината наменета за пешаци и велосипедисти.
Според информациите од српската полиција, 26-годишниот Ј.А. од Краљево управувал со автомобил „сеат“. Се сомничи дека при престигнување дошло до контакт со „фолксваген“ кој се движел од спротивната насока и бил управуван од 18-годишен возач.
По судирот, „сеатот“ излетал од коловозот, удрил во дрво, а потоа и во пешаците.
Во тој момент на патеката се наоѓало семејство со мали деца. Петгодишното девојче се здобило со повреди опасни по живот и било итно пренесено на Универзитетската детска клиника во Белград.
И покрај напорите на лекарите, девојчето денеска им подлегнало на повредите.
Тешко е повредено и помалото дете од семејството, кое било во детска количка. Детето, исто така, било префрлено на лекување во Белград со сериозни повреди.
Мајката на децата се здобила со тешки телесни повреди и е згрижена во Здравствениот центар „Студеница“ во Краљево.
Во несреќата бил повреден и таткото, кој, според првичните информации, поминал со полесни повреди. Полесно била повредена и сопатничка која се наоѓала во автомобилот „сеат“.
Очевидец на несреќата изјавил дека зад воланот видел млад човек и дека возилото буквално излетало од патот пред да удри во семејството.
Полицијата го уапсила 26-годишниот возач Ј.А. поради сомнение дека сторил тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај.
Истрагата треба да ги утврди сите околности кои довеле до трагичната несреќа.



