Skip to main content
Македонија

Вонредно прскање против комарци вечерва во Драчево поради западнонилската треска

30/07/2026  22:17

Министерството за здравство информира дека го задолжило Центарот за јавно здравје – Скопје вечерва да спроведе дополнителна терестичка, односно дезинсекција од земја против возрасни комарци во населбата Драчево.

Станува збор за вонредно прскање против комарци, кое се спроведува како превентивна мерка врз основа на стручната информација и проценката на ризик изготвени од ЦЈЗ – Скопје. Одлуката е донесена по проценка на состојбата со комарците и потребата од дополнителна адултицидна дезинсекција, како и поради актуелната епидемиолошка состојба со лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска во земјава.

Од Министерството нагласуваат дека вонредната дезинсекција се спроведува по индикација и согласно Програмата за јавно здравје, по добиените стручни информации од Центарот за јавно здравје – Скопје.

Паралелно со вонредната интервенција во Драчево, продолжуваат и редовните активности за сузбивање на комарците на територијата на Град Скопје, согласно годишниот план на ЦЈЗ – Скопје.

Во текот на мај и јуни биле спроведени три акции на ларвицидна авионска дезинсекција, додека во јули била реализирана и втората акција на терестичка адултицидна дезинсекција, насочена кон сузбивање на возрасните форми на комарци.

Со прскањето биле опфатени повеќе скопски населби и локации, меѓу кои Ѓорче Петров, Хром, Влае, Карпош, Дебар Маало, Маџир Маало, кејот на Вардар, Водно, Пржино, Драчево, Маџари и Лисиче.

Дополнителната интервенција во Драчево следува во услови на регистрирани случаи на западнонилска треска во земјава, болест што се пренесува преку заразени комарци.