Енормното загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10 честички и заради надминатиот праг на алармирање, како и по четврти пат оваа зима стапување во сила на препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска ги крена струмичките екологисти и граѓаните на протестен марш под мотото „Забрането дишење“во организација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.
Организаторите побараа спроведување на план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки.
-Привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи, контрола на согорување на опасни и несоодветни материјали во пластениците и индустриските објекти со дваесет и четири часовни патроли, користење на рачни мерачи и дронови, итно затворање на дивите депонии кои испуштаат токсични гасови, нивна санација и физичко обезбедување на локациите со камери и бариери, зачестена контрола на нелегална сечна на огревно дрво, забрана за дотур и пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечење, рече Оливера Аризанова Мансабрт, која ги пренесе барањата на екологистите за намалување на загадувањето на воздухот во Струмица.
Таа истакна и други барања за намалувањето на загадувањето кои ќе бидат доставени до надлежните за да постапат по нив.