Skip to main content
Македонија

Во Скопје се одржа Парада на гордоста

20/06/2026  21:26

Попладнево се одржа Парада на гордоста во Скопје, под мотото „Сите нека знаат“. Собирот кој се одржува по осми пат, започна во 19:00 часот од кај Фонтаната во Градскиот парк, а заврши во Жена парк.

Поворката се движеше по булеварот „Илинден“, продолжи по улицата „Рузвелтова“, булеварот „Партизански одреди“, булеварот ВМРО и улицата „Димитрие Чуповски“, а заврши во паркот „Жена-борец“, спроти Собранието.

Организатор на настанот е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Оттаму порачаа дека Парадата на гордоста и годинава е повик за почитување на човековите права, достоинството и еднаквите можности за сите граѓани.

Според организаторите, ЛГБТИ+ заедницата и понатаму се соочува со дискриминација, стигматизација и чувство на несигурност, особено кај младите лица поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Меѓу клучните барања се донесување на Законот за матична евиденција, правно признавање на родот, посилна заштита од насилство и поодлучна борба против говорот на омраза.

За разлика од претходните години, организаторите одлучија маршот да мине без музичка програма и забавен дел на крајната локација, со цел фокусот целосно да биде ставен на протестните пораки и барањата.