
Борче Стојчевски од Здружението на инженери за заштита „Тутела“, во гостувањето во емисијата 24 анализа, посочи дека голем дел од оние што вршат сервисирање на противпожарната опрема не ја извршуваат својата работа согласно прописите.
Според него, во некои случаи, во противпожарните апарати наместо специјален прашок за гаснење пожар, се става обично брашно, што целосно ја урива нивната функција.
„За жал, многу од тие што се занимаваат со сервисирање на противпожарните апарати и опрема, освен исклучоците кои навистина си ја вршат работата совесно, гледаат само да наплатат и да заменат картонче на апаратот. Лично сум работел во фирма што се занимава со оваа работа и во апаратите сум наоѓал брашно наместо прашок. Не можам да сфатам како е можно такво нешто“, изјави Стојчевски.
Тој потенцира дека исправноста на противпожарната опрема може да биде клучна во спасување животи во пожари како оној во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Висината на објектот си го направи своето. Тие мали апарати таму не беа ефикасни. Ако навистина имало прашок во нив, немаше да дојде до разгорување на огнот. Ако некој ставил воздух наместо азот во апаратите, треба кривично да одговара, бидејќи за тоа има член во Законот“, нагласи тој.
Стојчевски зборуваше и за потребата од поголема стручност при користење на пиротехнички ефекти во затворени простории.
„Ја видов снимката од објектот. Се насочува дека прскалката (пиротехниката) е причината. Има прописи за тоа како и под кои услови треба да се користи, зависно од висината и видот на прскалките. Пиротехниката мора да ја ракуваат обучени лица“, објасни тој.
Тој предупреди и на проблемот со недостаток на кадри во инспекциските служби.
„Во нашата држава има многу малку обучени луѓе за пиротехника, особено во инспекторатите. Сите што беа добро едуцирани, сега се во пензија. Ако не обучуваме нови кадри, ќе останеме без стручњаци. Ќе најдеме бомба, а нема да има кој да ја демонтира“, заклучи Стојчевски.