
Дваесет и две лица, меѓу кои масони, поранешни разузнавачи, полицајци, лекари и инженери, денеска излегуваат пред францускиот суд под обвинение за убиства и други тешки злосторства поврзани со масонската ложа „Атанор“.
На седуммина од обвинетите им се заканува казна доживотен затвор. Сите 22 лица се обвинети за убиство, обид за убиство, тежок напад и криминално здружување во име на мафијашка група внатре во масонската ложа „Атанор“ во париското предградие Путео.
На обвинителната клупа се наоѓаат најмалку четворица слободни ѕидари од дваесетината членови на ложата. Меѓу останатите обвинети се четворица офицери на француската надворешна разузнавачка служба (DGSE), тројца полицајци, шест директори, работник во обезбедување, лекар и инженер.
Повеќето од обвинетите, на возраст меѓу 30 и 73 години, досега немале полициско досие. Наводните лидери на криминалните операции се масони од ложата „Атанор“ – Жан-Лук Багур, Фредерик Ваљо и Даниел Болје.
Случајот беше покренат по неуспешното нарачано убиство во јули 2020 година, кога двајца припадници на францускиот падобрански полк беа уапсени со оружје во близина на домот на деловната советничка Мари-Елен Дини. За време на испрашувањето, тие рекле дека верувале оти убиството на Дини им било побарано во име на француската држава, под изговор дека таа работи за израелската шпионска агенција Мосад. Истражителите ја открија нејзината поврзаност со Багур, деловен конкурент и 69-годишен „почитуван мајстор“ на ложата „Атанор“.
Според наводите од истрагата, Багур од својот колега масон Ваљо побарал да го организира елиминирањето на својата ривалка за надомест од 70.000 евра. Ваљо, 53-годишен претприемач, наводно дејствувал како посредник меѓу налогодавачот и тимот платеници кои работеле за уште еден масон од ложата, Болје, инаку пензиониран агент на внатрешната разузнавачка служба (DGSI).
Водачот на платениците, Леро, во притвор признал дека тој и неговите соработници ги извршиле повеќето напади, грабежи и убиства за мафијата од ложата „Атанор“, вклучувајќи го и убиството на возач на тркачки автомобили. Со текот на времето, злосторствата нарачани од масонската мафија ескалирале – од ситни одмазднички напади до убиства, пишуваат француските медиуми.
Во случај на индустриска шпионажа, групата на Леро наводно нападнала претприемачка на улица и ѝ го одзела компјутерот. Автомобилот на една од соработничките на Багур бил запален во 2019 година откако таа открила докази за финансиска измама во неговата фирма. Во 2018 година, во шума беше пронајдено телото на возачот на тркачки автомобили Лоран Паскали. Наводно бил ликвидиран бидејќи не им платил долг на пријателите на Ваљо.
Леро, кој ја напуштил војската за да стане приватно обезбедување, ѝ рекол на полицијата дека мислел оти дејствува во име на владата. Додал дека Болје го „манипулирал“ и го мамел со идејата да стане информатор на DGSI.
– За мојата клиентка беше застрашувачки тоа што клучните фигури во овој случај – полицајци, поранешни агенти на DGSI и масони – се токму оние кои би требало да дејствуваат за доброто на општеството – изјави адвокатот на Мари-Елен Дини, Жан-Вилијам Везине.
Не е јасно какви информации обвинителството ќе може да добие од Болје, кој во притвор се обиде да изврши самоубиство, што го направи инвалид со нарушена концентрација, предупреди неговиот адвокат.
Се очекува судењето да трае најмалку три месеци.

