
Во Пекинг вторпат годинава се одржуваат Светските игри за хуманоидни роботи. Натпреварот се одвиваше во повеќе дисциплини, но финалињата во гимнастика и трката со пречки на 400 метри привлекоа големо внимание од публиката.
Во гимнастичките дисциплини роботите ги демонстрираа своите способности изведувајќи скокови и салта со што ја покажаа флексибилноста, координацијата и контролата врз своите механички тела. Но, сепак најголем интерес предизвика трката со пречки во која роботите мораа да се снаоѓаат по сложената патека и да совладуваат различни предизвици. Тие се провлекуваа меѓу столбови, лазеа, се качуваа по скали и прескокнуваа бариери, тестирајќи ја својата еластичност и динамичката рамнотежа.
Иако станува збор за напредна технологија натпреварувањето покажа дека хуманоидните роботи сè уште имаат сериозни ограничувања. Паѓањата, сопнувањата и неуспешните обиди за совладување на пречките беа неизбежен дел од трката што кај публиката предизвика смеа, но и симпатии кон нив додека се обидуваа да ги завршат поставените задачи.
На овогодишното натпреварување се одржуваат вкупно 51 дисциплина, поделени во две категории. Триесет од нив се класични спортски натпревари, додека 21 дисциплина е заснована на сценарија од реалниот живот.



