Skip to main content
Свет

Во израелски напад врз пункт за испорака на хуманитарна помош во Рафа загинаа 30 лица

01/06/2025  09:38

Најмалку 30 лица се убиени во израелски напад врз пункт за испорака на хуманитарна помош управуван од новоформираната Хуманитарната фондација за Газа (GHF), објавија медиумите поврзани со Хамас, пренесе Ал Џезира Арабик.

Израелските војници пукале за време на неделната операција за помош на Хуманитарната Фондација Газа (GHF) во дистрибутивен центар во Рафа, посочува Хамас.

Информацијата не можеше да добие независна потврда, а немаше ниту непосредна изјава од израелската војска во врска со нападот.

Претходно Хамас соопшти, пренесе ДПА, дека најмалку 22 лица се убиени, а повеќе од 115 повредени во израелски напад за време на, како што ја опиша, контроверзна операција за помош во јужниот дел на Појасот Газа.

ГХФ, која е поддржвана од Израел, неодамна ги започна операциите во Газа со поддршка на САД.

Хамас пред три дена го обвини Израел за убиство на најмалку тројца Палестинци и ранување на 46 лица во близина на еден од дистрибутивните пунктови на GHF, обвинение што хуманитарната група го негираше.

Израелската армија, исто така, соопшти дека нејзините војници испукале предупредувачки истрели во областа надвор од комплексот за да воспостават контрола, додека илјадници Палестинци брзале кон местото за дистрибуција на помош.

По блокадата на испораките на помош што траеше неколку месеци, Израел веќе неколку дена дозволува мали количества стока во затворената крајбрежна енклава.

Според израелската влада, GHF треба да биде одговорна за дистрибуција на хуманитарни резерви на населението во Газа со цел да ги заобиколи организациите за помош од Обединетите нации и други иницијативи.

ОН ја критикуваше иницијативата, стравувајќи дека ќе го привлече населението кон неколкуте дистрибутивни центри и ќе го забрза нивното протерување од другите станбени области.

Во последните денови имаше извештаи за грабежи и напад врз новите дистрибутивни центри.