Skip to main content
Македонија

Во гаснењето на пожарот кај Струмица се вклучи и еден ер трактор

22/08/2026  17:45

Во гаснењето на големиот пожар што попладнево избувна во близина на Струмица се вклучи еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, засега огнот не успева да ги зафати куќите и викендичките во месноста Софилар и нема непосредна опасност за нив.

Градоначалникот на Струмица, Јанков изјави дека засега нема поголеми материјални штети.

-По избувнувањето на пожарот ТППЕ Струмица навреме интервенираше и не дозволи огнот да се прошири и да зафати куќи во селото Водоча. Заради силниот ветер огнот го менуваше правецот и се прошири кон селото Баница и месноста Софилар. Во гаснењето на пожарот дејствува еден ер трактор, кој ќе има големо влијание во гаснењето на пожарот – рече Јанков, чија изјава заедно со таа на Ангелов ја пренесоа од ДЗС.

Во гаснењето на пожарот е вклучена и механизација на ЈПКД „Комуналец“ и на други компании кои работат на ископување на против пожарни пречки.