Skip to main content
Балкан

Во февруари следната година ќе започнат дупчења за природен гас во Јонското море

15/04/2026  19:38

Почеток на морски истражувачки дупчења во северозападниот дел на Јонското море, во февруари следната година, со цел 200 милијарди кубни метри природен гас, предвидува договорот што во Министерството за животна средина и енергетика на Грција го потпишаа групацијата „Energean“, како оператор на конзорциумот „ExxonMobil“ – „Energean“ – „Helleniq Energy“ и компанијата „Stena Drilling“, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот за дупчење во Блокот 2 во Јонското море, беше потпишан во присуство на министерот за животна средина и енергетика на Грција, директорите на „Energean“, „Stena Drilling“ и на „Helleniq Energy“, како и амбасадорите на САД и на Шведска во Грција.

Министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру нагласи дека станува збор за „историски момент за земјата, која го спроведува националниот план за зајакнување на енергетската безбедност и брзиот развој на секторот за јаглеводороди“, но и дека „конечно ги претвора во реалност очекувањата, студиите и планирањето од повеќе децении“, објаснувајќи дека првото истражувачко дупчење ќе биде во февруари 2027 година.

-Моментот е историски и затоа што, доколку се потврдат силните индикации за присуство на природен гас и дозволат комерцијална експлоатација, тоа ќе ја доведе нашата земја до скок во економскиот развој и геополитичката сила. Поконкретно, земјата ќе биде енергетски посилна и поотпорна, ќе имаме особено зголемени јавни приходи-најмалку 40 отсто од добивката ќе оди во државата, повеќе и поквалитетни работни места, стекнување на знаење и висока специјализација, како и инвестиции и развој на инфраструктура, истакна Папаставру и додаде дека сите активности ќе се спроведуваат со целосно почитување на екосистемите и локалните заедници.

Извршниот директор на групацијата Energean, Матиос Ригас, изрази увереност дека првото истражувачко морско дупчење во Грција по 40 години ќе се спроведе во најдобри услови.

– Уште еднаш нагласуваме дека шансите за успех се 16 отсто, но сепак целта е околу 200 милијарди кубни метри природен гас. Со оглед дека нашата земја троши околу шест до седум милијарди кубни метри годишно, јасно е колку значаен би бил успешниот исход за Грција, за економијата и граѓаните, посочи Ригас.

Амбасадорката на САД во Грција Кимберли Гилфојл рече дека соработката меѓу „ExxonMobil“, „Energean“, „Helleniq Energy“ и „Stena Drilling“, претставува „силен пример за тоа што може да се постигне преку соработка“, додавајќи дека се комбинираат американската иновација, грчката експертиза и шведската технологија и „докажува дека кога Соединетите Американски Држави и нивните блиски сојузници соработуваат, се постигнуваат реални резултати“.

– Денешниот договор ја одразува нашата заедничка посветеност за зајакнување на енергетската безбедност и диверзификација на изворите на снабдување сега и во иднина. Нашата тесна соработка ја покажува довербата во економскиот развој на Грција, во регулаторната рамка на транспарентност што ја има воспоставено Грција, како и во силните врски меѓу американските и грчките компании. Овој договор за дупчење ги истакнува можностите што ги нуди регионот и ја зајакнува улогата на Грција како кредибилен енергетски партнер и столб на стабилност, рече американската амбасадорка.