Skip to main content
Балкан

Во БиХ 620.000 жители помалку од последниот попис во 2013

29/07/2025  17:51

Босна и Херцеговина изгуби повеќе од 620.000 жители од последниот попис во 2013 година, што е последица на масовната емиграција и намалениот природен прираст во земјата која има бројни политички и економски проблеми, беше објавено денес во Сараево.

Збирката трудови „Демографски промени во Босна и Херцеговина од 2013 до 2024 година“ ја презентираше Академијата на науките и уметностите на БиХ и во неа се наведува дека трендот на масовно иселување, особено на младите луѓе, е особено загрижувачки.

БиХ го спроведе својот единствен повоен попис во 2013 година
Повеќе од половина од граѓаните по потекло од БиХ денес живеат во странство. Политичката нестабилност, чувството на несигурност и економската неизвесност дополнително ја зголемуваат намерата за заминување, беше наведено на промоцијата на збирката трудови.

Според извештајот, населението на БиХ се намалило за 626.903 жители од 2013 до 2023 година. Според анализите спроведени од Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина, населението во 2023 година изнесувало 2.904.256, додека во 2013 година имало 3.531.159 жители.

Босна и Херцеговина го спроведе својот единствен попис по војната во 2013 година, кога официјално беа регистрирани 3.531.159 жители, а резултатите беа објавени три години подоцна. Оттогаш не е спроведен нов попис, а статистичарите објавуваат проценки врз основа на достапните податоци.